02.10.2026
Да го започнеме Октомври со „Twilight“
Периодов размислувам за романсата и за тоа колку се изгуби нејзината автентичност, претварајќи се во клише или нешто здодевно за кое ретко некој сака нешто посериозно да разговара. Моменталната култура има удрено силен печат врз „сексот продава“ додека романсата се крие некаде „зад завесата“ чекајќи повторно да добие шанса да излезе на површината. Лично сметам дека без оглед колку се променија одредени вредности и колку луѓето навистина, се оддалечија едни од други, редно беше некој пак да почне да зборува за она кое што верувам дека на сите им недостига.
Е сега, зошто баш филмот „Twilight“ ?
Критичарите го сметаат за еден од најлошите филмови снимен некогаш,особено заради глумата на Кристен, но тоа не може да го смени фактот што тој филм привлече огромно внимание и многу обожаватели. После толку години, овој филм повторно се наоѓа во листата на предложени есенски и романтични филмови, во комбинација со класиците како „Autumn in New York“ на пример, но она што мене лично ме фасцинира е, зошто би имало толкав интерес за љубовна приказна со „вампир“? Зошто јас лично ви го препорачувам баш овој филм ?
Сметам дека, на глобално ниво, љубовта и романсата до тој степен ја изгубија својата топлина, се поретко се снимаат филмови со таква содржина, rom-com стана речиси историја, така што луѓето стануваат очајни по онаа „вистинската искра“ која едноставно ќе ви ја загрее душата. Не можеме да ја пронајдеме ниту во филмовите, ниту во песните, коментирајќи за веќе очекуваната и предвидлива содржина на ова модерно време. Љубовта е толку ретка, што луѓето попрво би ја барале во вампир, врколак или дух, отколку да му се доверат на спротивниот пол. Изгубена е довербата во луѓето, оттуѓени сме, не си веруваме, се искористуваме, претпазливи сме дури и онаму каде што воопшто нема потреба, не сакаме да се отвориме, не сакаме да се заљубиме, па можеби, овој блог ќе биде еден од двигателите кои ќе ја вратат таа „искра“ во вас.
Гледајте го „Twilight“ за да се потсетите на што треба да биде спремен еден вистински заљубен човек. Потсетете се колку треба да сте храбри и издржливи и колку невнимателни и „смотани“ кога сте вистински и искрено заљубени. Видете како изгледа да се биде лудо заљубен и збунет, како е да се бориш за она што го сакаш. Видете како е да се биде обичниот и несовршен тинејџер, кој сепак е лудо заљубен во совршениот тип и тоа не е ништо чудно. Оставете го малку настрана „новото нормално“ и бидете еден од оние „стари души“ . Носете го тој печат дека сте „старомодни“ во името на љубовта и ич да не ви биде гајле :) !
Нормализирајте ја љубовта и романтиката, пак и пак и пак се додека не ви зоврие крвта и не почнете да мислите на сексот, а не обратно.
Дајте си време, во време кога не знаеме што е тоа време. Сигурна сум дека знаете што сакам да ви кажам :) .
Сварете си едно топло кафенце по ваш вкус, одберете некое чоколатце, покријте се со едно ќебе и почнете го Октомври на старинскиот начин.
Гледајте го „Twilight“ како никогаш да не сте го гледале и како никогаш да не бил прогласен за најлош филм. Тоа е единствениот начин да ја разберете неговата суштина.

Останете вечно заљубени и старомодни.