Неиспратени писма, залутани мисли

"Те сакам многу" - рече и ме прегрна.
Се обидувам да не испуштам воздишка или потег со кој ќе ти покажам дека не будиш никаква реакција во мене. Можеби малку иритираност.
Не им верувам на твоите зборови повеќе, немаат моќ да ме убедат. Дали е од недоверба или можеби не ми е ни значајно сега. Сакам да ти верувам, сакам да се нурнам во таа прегратка која ми беше сѐ, лек, мир, засолниште. Но повеќе ја нема.
Мојот дом го нема.
Те прегрнувам, но ништо. Повеќе топлина осеќам кога ќе го допрам ѕидот.
Бев ранлива, го допрев дното, се распаѓав психички и физички пред твои очи. Ти не само што не ми помогна, туку и учестуваше во сето тоа.
"Ми требаш" очајно ти велев. Јас која никогаш во животот нема побарано помош, ниту признаено дека и е тешко. Ништо, молк, свртен грб.
Умирав и умрев.
Те гледам и гледам странец.
Не знам дали те сакам. Можеби.
Ме гледаш занесена и незаинтересирана. Сум, вистина е.
Кога би можел да погледнеш во мене ќе видиш празно тело, нема ништо, изгребани ѕидови и рани кои сеуште крварат, од девојчето кое само сонуваше да биде сакано.
Сега е време на молк.
Изгубена сум, немам душа, немам дом. Се сруши сѐ во што верував.
Не знам каде, не знам како. Но морам.
Ќе се пронајдам пак. Можеби и ќе се смеам пак.
...

Расположение: Тажно, Смирено