23.10.2026
Во дното на душата
Во сонливите мугри обвиткани со прекрасните нијанси од
илјадници сончеви зраци, на кои им пркоси тивкото ветре кое носејќи го во дланките мирисот на парфемизираниот воздух, со својот свеж допир ме разбуди од сонот.
Пред мене е уште едно насмеано утро кое буди нови надежи, и ми влева храброст за да можам со нови сили да се закитам со победа во битката која ме очекува на фронтот од прагот на новиот ден.
Секако, не очекувам да освојам трофеј за издржливост, но доколку
успеам да jа смирам душава која ми трепери како млада фиданка на силен ветар, само тогаш ќе можам да си доделам орден кој ќе биде симбол на мојата нескршлива надеж.
Не можејќи да излезам од лавиринтот во кој сум заробена, живеам во свет опкружен со огромни овални огледала, изработени од сиво непробојно стакло, урамени во тенко резбарени розови рамки. Безуспешно се трудам од замаглените стакла да го видам убавиот ден и да го почувствувам блескавото сонце како со својот нежен допир ме гали по лицето. Во собата потоната во бескрајната тишина, како хероина од некој хорор филм со огромна жар која секој миг ќе се распламти наоколу, им се лутам на огромните ѕидови кои како бесконечни бројаници ми се лизгаат низ рацете неспокојните денови. Без срам, немајќи ни ронка почит и жал се надвиснале над мене како мрачни облаци кои, безмилосно ме задушуваат во своите темни зандани. Започнувајќи студена војна, како ледени војници со своите остро шилести сабји помислуваа дека ќе ми го замрзнат телото со ледени окови, всушност не знаејќи дека оваа уморна душа со своето
рането срце ќе се бори се додека не ги урне големите авлии. Можеби подоцна, но со огромна посветеност и сигурност во себеси, со своите солзи кои извирајќи ми од срцето и течејќи ми по лицето ми создадоа болни грутки на душата, ќе ги срушам големите
ѕидови откорнувајќи им го малтерот, кој дел по дел со целата своја нечистотија и кал во огромни грутки ќе паѓа на земјата,, сакајќи и тие да ja почувствуваат неиздржливата болка на своите рамења.
Се додека во моите вени како од некој непресушен извор тече врела крв, ќе живеам за денот кога ќе ги скршам железните пранги
оковани на нозете и со свои раце ќе ги срушам бетонските ѕидови. И штом целата нечистотија како бел прав ќе ja турнам од плејќиве,
во дното на мојава душа ќе израсне црвена ружа која спокојно ќе цвета
пиејќи од волшебните капки на радоста и ќе се храни од сончевите
зраци кои ќе продрат до нејзината магична убавина, која како кралица ќе
царува во блескавите одаи на срцето.