Слика на @intellectual_punk

Од култура до политика. И обратно.


Новокомпонирано помодарство

Се чини дека во овој свет и во ова време само помодарството има некаква вредност и цена. Односно, цена. Често материјално висока и духовно ниска.

Пред сé, што е помодарство?

Официјалната дефиниција вели вака:

еднина - помодарство
Вид збор: Именка, среден род

1. Појава на претерано следење на модата, на модните струења.

2. Појава на следење на најнови случувања во некоја област.

Речник како речник, сепак се труди да биде коректен и не многу строг. Точно е дека помодарството е претерано следење на мода и тренд. Но, исто така е кариес кој го копа општеството од внатре, а сега и цел свет. Уште повеќе затоа што она што е денес тренд е повеќе од невкусно. Да се разбереме уште одма, ова не е критика на либералноста, напротив, дури и одбрана на истата. Баш денешното помодарство е тоа кое најмногу ја уништува вистинската либералност, не носи во бунило и без потреба го мотивира конзервативниот свет да е построг. Ја минимизира борбата на реалното либерално граѓанство, што би рекол драг Кили, кое за жал е се помало.

Да и удостојам на доследноста, еве неколку примери за денешниот главен збор. Пред неколку месеци бев на неколку дена во мојот роден град, Неготино. Основното школо во кое учев, ,,Гоце Делчев”, е на три минутки од мојата куќа. Шетајќи, забележав еден куп коли во школскиот двор. Не ми беше јасно зошто. Здогледав еден комшија, го прашав зошто е гужва и ми кажа дека ги носеле децата на школо. Се запрашав, како ги носеле? Зошто? Од кога тоа ги носат? Одма после ова здогледав една друга жена, за која знам дека живее буквално преку една улица, како го носи своето дете со кола. Што им е? Се согласувам дека времињата не се безбедни како порано. Но, проблемот е што тука станува збор за помодарство. Малограѓанско, нелогично, малодушно, досадно, неестетско и трендовско. ,,Децата во Америка ги носат на школо, па сакаме и ние”. ,,Леле и глумциве гледам, секое утро ги носат”. ,,Чим сите ги носат со кола и јас моето ќе го носам со кола”. Таман мислев дека ќе видам некое дете да оди само, се случи ‘уште еден прекрасен пример’. Баба носи два внука буквално петнаесет чекори до школо. И после ни е чудно како детето не знае да премине пешачки. Се разбира дека од триесет родители има еден процент кои со причина го прават ова. Ама повеќето се претерано следење на мода и тренд.

Истото се случува и со детски родендени. Поклоните се прескапи, а забавите кичерајски. Огромните балони со бројки се имитација од родендени на богаташи ала Кардашијан. Тортите се трка да се докаже кој ќе купи поскапа. Сторињата по Фејсбук и Инстаграм се покажување ‘чија куќа јаде мрсно’. За музиката да не ни зборувам, да ми извини и текстов и вие на израз, секој втор стих е за курви и криминалци. Она што е модерно се почесто не е и добро. Она што е популарно не значи дека е квалитетно. Аца Лукас е далеку послушан од Бах. Боки 13 го знаат повеќе луѓе од Алан Тјуринг. Теа Таировиќ е почест идол на млади од Марија Кири.

Помодарството ќе го најдете во скоро се што гледате секојдневно. Чест на исклучоци, но повеќето луѓе од помодарски побуди возат електрични тротинети кои предизвикуваат сообраќајни несреќи. Воедно, цената им е и до 500 евра. Важно е да се глуми елита, што не е ни елита, а притоа живееме во една од најсиромашните држави во Европа. Всушност, во Македонија одамна е сменето значењето на зборот елита. Луѓето мислат дека тоа е некој што има пари и што е популарен. Во едно не така далечно, но за жал сепак минато време, елита беа некои друг тип на луѓе. На пример; Горан Стефановски, Ристо Шишков, Милица Стојанова, Олга Мурџева-Шкариќ, Ристо Вртев, Слободан Унковски, Дејан Дуковски, итн. Денес, за елита се сметаат полуписмени криминални дегенерици и полуписмени певаЉки.

Е сега, доаѓаме до еден фасцинантен парадокс. Како на истите луѓе за кои денес пишувам некои модерни работи им се прифатливи, а некои не? Прифаќаат ставање ботокс, филери, предолги нокти, хипстерски бркови, метросексуални еспадрили, а воедно се христијани и суштински конзервативни. Модата сама по себе во повеќето случаеви е без пресек и длабока естетика. Ако модата е пресолен грав, помодарството е пресолен грав со вишок пипер. Никако да сфатат дека не може до толку да се бира. Или си или не си. Не може да си панкер и да го слушаш Саша Матиќ. Така, малку е чудно да си метросексуалец и христијанин. Помодарството донесе еден неолибералистички бран кој е користољубив и нелогичен. Конзервативни и патријахални луѓе преку ноќ прифатија дека ботокс, тротинети и ‘здрава исхрана’ е океј. Истите да ги прашате дали се согласуваат да има сексуално образование во школите ќе ви кажат: ,,Никако”!

Да постои временска машина и на некого во 80те да му кажете како ќе е денес, сигурно би се изнасмеал/а. Или би помислиле дека раскажувате некоја епизода од Монти Пајтон. Особено кога ќе раскажете дека луѓе ќе се шетаат во влечки, влечки со бели чорапи, црни влечки со пуфки, изобличени патики, гасерски педеруши до под врат и огромни наочари за сонце. Денешната парола е: “Не е важно дали го разбирам, важно е популарно.”

Целосната ситуација е уште полоша и во една друга сфера - храна. Можете буквално да продавате, пак да ми извинете на израз, гомна, но ако на излогот пишува дека е healthy ќе се продава како алва. Патем, алва веќе скоро и да не се продава. Мача, блубери, мубери, егзи, мегзи за 100 милиона. И се во пластична чаша и пластичен прибор. Веге ама во пластично и нееколошко. Има логика колку што има свињи во Техеран. Ама важно да е модерно. Така сите прават, така треба. Македонија е единствена земја во светот во која нема каде да се јаде нешто локално. Или скоро никаде. Манџа, мусака, леќа, за боранија да не ни почнувам. На пример, во Грција и Србија се јаде како што се јадело 500 години. Во последно време, нема ни од каде да порачате нормален хамбургер. Десетка со кромид и лепиња. Се е станато со сосови, кисели крставици, карамелизиран кромид, итн. Поради што? Поради помодарство. Лудо е во земја во која постои Жетварска салата затоа што се одело на жетва, едвај да има обичен леб. Секаде може да порачате Грчка ама не и Жетварска. Истите тие кои најмногу порачуваат Грчка името него даваат. И одат на одмор во Грција, секое лето. Грците би убиле некој ако му го навреди гирото. За Италијаните и тестенините да не ни зборувам. А кај нас, кај нас може се ако е популарно. Во Шкотска и Ирска секаде може да порачате виски. Во Франција вино. Во Србија може да порачате ракија во бар или паб. Само кај нас не може. Дури и во Повардарието, што е предел познат по ракија, може да порачате само во кафана или меана. Инаку не се служи, срамота било. Ама може да порачате Aperol Spritz секаде, дури и во истиот lounge bar во кој нема ракија.

Колку е работата отидена во крајност е доказ дека ова го пишувам јас. Како човек што е генерално либерален, прогресивен и му е јасно цивилизациското движење на светот. Но, новокомпонираното помодарство однесе се предалеку. И кога мислите дека тоа е се, не е. Има уште еден нов тренд. Се поголем број на жени си ги менуваат презимињата во машки род кога стапуваат во брак. Пример, наместо Ристова, намерно се пишува Ристов. Воедно ги мрази Бугарите и не би ги ставила во Устав, ни под разно! А не им е јасно дека македонскиот јазик им овозможува да се изразат соодветно во женски род. Нешто за што милиони жени, таму некаде и во белиот свет се борат. Не можат ни Англичанките, ни Американките, ни Французинките. Нашите можат ама не е модерно.

После овие помодарски примери се поставува прашањето: Зошто?

Никој не знае. Не знам ни јас. Нема логика, никаква. Особено кога постари генерации почнуваат да прават нешто толку ново и без основа. Секако дека постои ефектот на маса. Повеќето луѓе сакаат да се дел од масата, од групата, од мноштвото. Така е полесно. Нема борба, не се на маргините. Но, зошто да не е популарно нешто што е добро? Веројатно затоа што скоро никогаш не ни било. И пред интернетот, попопуларно беше да собираш беџови од читање книги. Ама има убавина и во собирање беџови. Од ова можеме да заклучиме дека денешното помодарство е лошо затоа што е лош и меинстримот. Никогаш не бил особено добар, но сепак се почитувале некакви основни, базични постулати. Неолиберализмот ги сруши и тие малку што останаа. Кој беше судија? Кој претходно беше филтер? Тука природно доаѓа зборот “уредник”. Дејвид Боуви никогаш не продавал масивен број на плочи како Тина Тарнер, но барем Тина Тарнер беше меинстримот. Некоја личност тоа го проверила, простудирала. Некоја стручна личност. Некој уредник или уредничка. Денес, не постојат повеќе вистински уредници. Може се, доколку прави профит. Ни срам, ни перде. Следствено, како меинстримот е лош, помодарството е дупло полошо. А меинстримот е лош во сите области, од музика и филм, преку храна, до облека. Затоа светот губи боја. Повеќето од вас виделе слика или reel на Инстаграм како градбите изгледале порано и како изгледаат сега. Споредбата е трагична. Денес се е бело, црно-бело, беж и празно. Ама не минималистички туку неестетски. Затоа се е од гипс картон. Како што вели еден мој другар, ,,Во новиве згради комшијата сече кромид, јас плачам’’.

Уредниците не вршат повеќе контрола. Постојат за да дозволат се. Во Југославија, со сите нејзини мани, сепак уредниците држеле ниво под кое не смее да се оди. Спикерите морале да зборуваат литературно, да имаат соодветна дикција и да бидат облечени соодветно. Албум можеле да издадат музичари барем со минимум квалитет. На телевизија морало да има драмска секција, детска секција, Биг Бенд, џез, едукативни емисии и цртани филмови. Дури постоела и ‘’Комисија за кич и шунд’’ која одредува дали нешто е невкусно и не смее да оди во етер. Знам, одма ќе се фатите за демократија. Не постои идеално. Од една страна, во социјализмот има уредници ама нема доволно демократија. Во капитализмот нема уредници ама може се. Но, демократија е за созреан народ, како на пример норвешки, а не македонски. Може да се лутите до бескрај ама уште сме зелени. Да ставите демократија во Македонија е како да ставите ананас на пица. Не оди, не се лепи. Затоа во оваа демократска атмосфера без уредници, на телевизија имате спикери кои зборуваат на сленг, без дикција, чест на исклучоци. Нема драмска секција, а за детска и цртани филмови да не почнувам. Што е тоа џез и Биг Бенд? Од едукативни емисии имате само едукација како да добиете повеќе фолоуерс. Албум може да издаде кој стигне, затоа најголем идол на младите е Пајак. Бетмен има политичко шоу. Боки 13. Агнеса. Бекстејџ. Марио ќе ве праша: ,,Колку чини твојот аутфит”? Небаре е важно. Кој што носи, како носи, колку чини и од кој бренд е. Да се знае кој кога мочал, како шмркал, дали се посрал и каде. Повторно пардон и кон текстот и кон вас. А не е ни до самиот аутфит, туку кој го носи и како. Што би рекол татко ми, ,,Бела фармерка не може да носи секој. Кога ја носи Милан Младеновиќ, убаво ја носи”.

Кога мислите дека ова се сите примери на помодарство и е крај, не е. Понатаму имаме; јога, спиритуелност, религија. Да не се разбереме погрешно, јога и спиритуелност во основа се прекрасни дејности. Ама новокомпонираните помодарци ги згадија. Не се толку важни кои јоги пози ќе ги направите туку од каде сте порачале хеланки и обавезно да имате bluetooth слушалки. И да ставите story! Инаку џабе сте вежбале. Спиритуелноста стана повеќе тренд отколку внатрешно будење, повторно чест на исклучоци. Бегање од реалноста, барање решение преку ноќ. Одење на психолог е работа. Метафорично, ако крајната цел е да ослабнете 20 килограми, одење на сесија е трчање маратон, а модерната спиритуелност е ослабнување преку пиење апчиња додека се лежи во кревет. Сите се нешто спиритуелно разбудени и веруваат во Универзумот. Медитираат во среда, шмркаат во петок. И за крај, религија. Врвот на новокомпонираното помодарство. Не знам како, но религијата повторно стана модерна. Како да се вративме во Среден век. Било која религија како филозофска појава е етична и морална. Спорноста не е во самата религија туку во трендовското практикување на истата. Слично како спиритуелните и религиозните веруваат во виша сила, се колнат во Бога и веруваат во некакви вредности. Воедно, пијат, шмркаат, изневеруваат, си тетовираат крстови и Богородици и ставаат story кога одат во црква.

Повторно, чест на исклучоци. Ама многу се ретки. Она што требаше да биде множина стана еднина. Она што требаше да биде пример стана исклучок. Веројатно има уште примери, но ми се гади и од овие до сега што ги напишав.

Чаре?

Можно е да го најдете во една хартиена убавина која се вика книга. Некогаш значеше нешто. Може и да си пуштите џез додека читате. Има една установа која се вика музеј. Делата кои ќе ги видите таму можно е длабоко да ве допрат како ништо друго. Емоциите кои може да ги тригерираат слика и скулптура се тешко достигливи поинаку. Филм од Макавејев или Кишловски може да ве натера да размислувате на некои нови теми. Театарска претстава може да ве мотивира да се преиспитате. Секако, нема ништо лошо во тоа да се забавувате. Ама има како и кога.

Егото ни ја зема скромноста.
Модерното го победи естетското.
Шундот ја згасна урбаноста.
Претенциозното го загуши хуманото.

Панкот не е мртов. Ама е на апарати.