Слика на @intellectual_punk

Од култура до политика. И обратно.


До каде си со китењето?

‘’До каде си со китењето’’ не е моја реченица, туку ја позајмувам од професорот Фрчкоски кој ја кажа во едно интервју, опишувајќи ја власта на сегашното ВМРО. Или ДПМНЕ. Всушност, нити е ВМРО, нити е ДПМНЕ ама тоа е друга тема. Ова прашање му го постави премиерот Мицковски на градоначалникот на Скопје, Орце, пред неколку месеци. Истото ја опишува целосната власт на оваа политичка гарнитура, и во овој случај зборот гарнитура не е баш метафоричен.

Сегашната власт се базира на китење. Најчесто со кич и шунд, нешто што беше срамота, а сега стана меинстрим насекаде. Суштинското прашање што секоја личност треба да си го постави за да го разбере владеењето на Мицика и Орце, е ‘’Како функционира еден популист’’?

Неколку пати имам кажано дека нашиот премиер од старт не можам да го сфатам озбилно поради неговата петто-одделенска фризура, а да не почнувам за неговото популистичко владеење. Овие што се политички коректни поради ова ќе ме распнат на крст. Нејсе, одговорот на претходно поставеното прашање е едноставен. Како секој популист, во овој случај дури и лош имитатор на уште полошите Вучиќ, Орбан и Трамп, функционира на принципот затрупување. Тоа значи затрупај ја јавноста со многу и различни информации со кои ќе ја натераш да не ги гледа реалните проблеми. Не е ни важно што е информацијата, само затрупај го медиумскиот простор за плебсот да зборува на различни теми и од толку многу информации да заборави на претходната. И така во круг. Во суштина, ништо не се работи. Само се користи масовна и празна пропаганда, 24 часа на ден. Тоа е суштинското китење на Мицика и неговите следбеници. Важно е да се кити, нон стоп и насекаде. На некој начин изгледа и на имитација на претходниот лидер на ВМРО, со празни фасади на згради во кои се кријат збирштина на квази интелектуалци и партиски војници.

Но, зошто и дали китењето поминува?

Од една страна не, од друга да. Не, затоа што за само една година партијата на власт падна за околу 140.000 гласови, што е сериозна бројка, особено за таков краток период. Не е тоа чист и слободен пад поради тоа што го поддржаа Влен на некои изборни места, но сепак е значителна бројка. За жал, нема врска ни опозицијата многу со истиот. Да, затоа што сеуште имаат стабилно гласачко тело, без критичко мислење и голем број на гласачи кои навистина веруваат во китењето.

При еден протест против Вучиќ во Србија, актерот Никола Којо одлично опиша што е најголемата трагедија на таквото режимско владеење. Секако дека е и сета неправда, крадењето пари и се друго што следи со таква власт. Но, најголемата трагедија е тоа што му ја одзема радоста на народот. Истото ќе важи и овде доколку не реагираме со време. Мицика нема да биде Грујо 2. Мицика ќе биде полош, без разлика колку сега тоа звучи чудно или нереално. Србите не извлекоа целосно наровоучение од Милошевиќ и затоа им се случи Вучиќ. Доколку ние не извлечеме целосно наровоучение од Груевски, ќе ни се случи Мицковски. На крајот на краиштата, сепак, срамота е еден народ кој низ историјата ги имал Лазар Мојсов, Горан Стефановски, Блаже Конески и еден куп други, да биде под владетелна палка на политичар како Мицковски. Едноставно не е достоинствено, особено не денес.

Оваа какофонија од политички актери што е на власт се помасовно користи популистички изјави. Целта е да се затрупа медиумскиот простор и да се врши пропаганда. Досега слушнавме дека сме “четврта економија во Европа”, “побрзо растечка економија од Германија”, и “Минималната плата до 2027 ќе изнесува 50.000 денари”. Ова се само неколку небулозни примери кои ни од далеку немаат допирна точка со вистината. Врвот на китењето е акцијата “правете деца”. Изјавата дека има мал наталитет е точна ама тоа го знаевме уште пред да ни го кажат. Проблемот е што истата е спинувана за да се привлечат конзервативни гласачи. Тезата на драгиот премиер е дека младиве, алтернативците и нихилистите (научил некој нов збор) не прават деца. Ама во ниту еден момент и во ниту една изјава дотичниот не се бави со прашањето зошто? Не може еден сериозен лидер да му рече на народот правете деца, а притоа да не понуди никакви мерки, особено не економски. Прво, не е наталитетот толку паднат колку што луѓето се иселени. Второ, кога премиерот сериозно би се бавел со економија и би го подобрил стандардот, ќе има и поголем наталитет и помалку иселувања. Трето, постојат примери каде што месечната помош за самохрана мајка е само 1700 денари, а за социјални групи 6000. Четврто, некои земји што се бават со ова демографско прашање нудат мерки. На пример, во Шведска максимален надомест за градинка е 1783 круни месечно. Во Унгарија, секоја мајка која има три или повеќе деца е ослободена од данок на личен доход до крај на животот. Дополнително, постојат станбени програми и субвенции за млади семејства. Кај нас, премиерот и министерката за образование ви нудат само среќа. Гледајте да има уште едно братче и сестриче.

По завршувањето на неговата власт, а ќе заврши иако Мицковски како секој автократ мисли дека вечно ќе владее, може да биде стенд-ап комичар. Толку комичен материјал немаат ни Дејв Шапел и Рики Џервејс заедно. Единствено можеби Џорџ Буш помладиот. Интересно и истовремено болно е да видиме какво ќе биде следното китење и кога? Каква ќе биде следната пропаганда и за што? Нема да биде изненадување ако каже дека до 2028 минималната плата ќе изнесува 100.000 денари. Да не бидам погрешно разбран, во никој случај не го ставам Мицковски на исто рамниште со Гебелс. Но, доколку вака продолжи веројатно ќе успее да ги достигне неговите височини во делот на пропагандниот материјал.

Уште поголем проблем е што на видикот не се гледа некое конкретно решение. Повторно ќе го цититам, односно парафразирам Фрчкоски. Може да ни се случи синдромот на ‘кувана жаба’. Груевски и компанија беа жестоки, па затоа и народот беше многу помотивиран да реагира жестоко. Сега е полошо затоа што Мицковски и компанија се, благо речено, млаки. Не нé провоцираат доволно силно и затоа нема реакција, но баш ова е многу поопасно. Навидум не се ‘толку лоши’, а всушност како минува времето ќе станат уште полоши од сите нивни претходници. Повторно, може да се повлече паралела со Милошевиќ и Вучиќ. Вториот владее многу подолго, баш затоа што е навидум многу побезопасен. Исто така, најголемиот парадокс е што сегашната водечка вмровска гарнитура беше трет или четврт ешалон во времето на Груевски. Ова е уште еден доказ дека сега е полошо затоа што овие немаат ни трошка мобилизирачка харизма и пак успеваат да дојдат на власт. Додатно, комплексите што им се насобрале во минатото ќе ги истурат врз нас, народот, во сегашноста и блиската иднина.

Туку зборот ми беше, до каде ќе одиме со китењето?