31.10.2026
Дали културата е важна и зошто да?
Два сегмента во секое општество или било какво државно уредување кои не се профитабилни, а сепак се важни, се култура и спорт како начин на живот. Во денешната колумна ќе се фокусираме на првиот, култура.
Што е култура?
Постојат различни дефиниции за тоа што зборот култура претставува затоа што истиот претставува разни нијанси. Сепак, има една заедничка одлика, а тоа е да го обезбедува и надоградува опстанокот на цивилизацијата. Воедно, културата е она што базично го разликува (или би требало) човекот од животните.
Во претходните две колумни пишав некој збор и за ова, но овде подетално и од друг агол. Прво, како што вели Горан Стефановски, секоја култура е мултикултурна по аксиома. Исто како и храната. Мусаката е македонска, исто колку што е и турска и исто колку што е египетска. Не постои чиста култура, како што не постои чист идентитет. Се е позитивно измешано. Второ, она што е уште поважно е дека истата мора да биде во функција, како што дефинирав погоре, на обезбедување и надоградување на една цивилизација. Просто кажано, треба да се оди напред. Како минува времето и како државата повеќе дава државни пари за настапи на Цеца, а не за младински културни центри, културата оди назад. Како оди назад, така и ситуацијата во општеството и меѓучовечките односи оди наназад. Трето, илузија е дека мора да постои целосен избор. Напротив, треба да постојат луѓе кои ќе го водат народот културно да се воздигне, исто како и политичарите кои треба да носат тешки одлуки. Ако на секој чекор има кладилници, човечката слабост ќе падне на испитот коцкање. Но, ако постојат одговорни лидери кои ќе одлучат да нема кладилници, човечката слабост нема да победи затоа што ќе нема како. Така е и со културата, ќе се конзумира тоа што се нуди. За жал, се нуди културна апокалипса. Можеби изгледа безопасно ама е екстремно опасно. Како паѓа културата, така паѓаат и сите слоеви во државата и еден ден ќе паднеме во квази-анархично и апокалиптично дно.
Од каде идејата за оваа колумна баш сега?
Ме тригерираше една вест, која на прв поглед мислев дека е лажна, но за жал не е. Центарот за култура во Неготино организира предновогодишен концерт на Александар Темелков, односно спектакл со спектакуларни гости. Ова е класичен пример за назадување на културата. Дотичниот има право да организира концерт каде сака, само не во Центар за култура што е државно-општинска институција. Пак се враќаме на претходната поента. Ако на народот му го нудите Темелков, ќе го слуша Темелков. Да ја понудеа новата претстава на Дејан Дуковски и Оливер Фрлиќ, “Црно Злато”, ќе гледаа одлична претстава. Срамота е државата да нуди еден ваков музички медиокритет од уште помедиокритетното шоу, Звезде Гранда, да настапува во Центар за култура. Уште помалку во Центар за култура кој се вика Ацо Ѓорчев, еден од доајените на македонското глумиште. Човек кој глуми една од клучните улоги во култната претстава на Стефановски и Унковски, “Диво Месо”. Центар за култура во кој во минатото имаат гостувано култни претстави од разни театри. Концертот на Темелков, се пардонирам за изразот, е буквално како да сте се посрале врз ликот и делото на Ацо Ѓорчев. На крајот на краиштата, било што би било подобро од ова, дури и да нема ништо. Или да гостува некој уметник од Неготино. На пример, актерот Роберт Ристов. Ако не друго, нека биде нешто помеѓу. Уште една важна причина зошто не смее да настапува во оваа ‘света’ институција е повторно поврзана со обезбедувањето и надоградувањето на цивилизацијата преку култура. Луѓето на одговорни позиции го одредуваат патот и ги поместуваат границите. Ако денес може Темелков, утре ќе може и Жељко Самарџиќ, а задутре и Дара Бубамара. Повторно одење наназад. Со Ацо Ѓорчев едвај еден чекор напред, а сега десет чекори назад.
Културата исто така е на маргините кога се во прашање и медиумите. Нема скоро ниту една емисија конкретно за култура и уметност ама има двеста емисии со полуписмени водители и уште понеписмени гости.
Што да очекува еден млад човек, особено еден млад уметник кога ќе го види плакатот за најава на концертот на Темелков?
Која надеж да ја има еден млад човек, особено еден млад уметник после таква објава?
Каде да има изложба еден млад уметник кога дури и оазите за култура стануваат колевка на примитивизмот?
Порано барем нашите беа колку толку наши. Барем некој од културниот естаблишмент се бореше за младите, особено за младите уметници. Денес и нашите ни свртија грб.
И што толку сите сте се фатиле да се борите против секоја критика? Конструктивна критика е добронамерна и корисна.
Без критика нема напредок.
Без став нема иднина.