Слика на @intellectual_punk

Од култура до политика. И обратно.


Секс и државна религија

цензура

Македонија е место полно со изненадувања. Таман кога мислиш дека не може полошо - може.

Власта го укина т.е го промени, и тоа малку што го имаше, сексуално образование.

Без разлика на моите лични ставови, овде фактите ја кажуваат вистината. Ја тргам на страна мојата генерална либералност, ставови по ова прашање и моето правослахулие.

Еве ги фактите кои ги објави ХЕРА:

- 10% од децата од 12 до 17 години, односно околу 12.000 деца биле изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба со помош на технологија за само 1 година.
- Дури 8% биле изложени на сексуални фотографии
- 5% добиле барања за интимни видеа или фотографии
- 4% биле уценувани со ширење на нивни содржини
- 3% од истите содржини биле споделени без нивна дозвола
- Во 78% од случаите предаторот е човек кој веќе го познава детето
- Во 52% сексуалната експлоатација се случува преку социјалните мрежи
- Само 19% од анкетираните деца кажале дека имале некаков вид сексуално образование
- Само во 2024 биле родени 588 деца од мајки од 15 до 19 години, а во само 1 месец евидентирани се 11 нови случаи на ХИВ

Што друго треба да се случи и што повеќе за државата и црквата да сфатат дека сексуалното образование е важно? Еве најпросто и невкусно кажано, затоа што поинаку, очигледно не можат да разберат - Сексуалното образование не ги учи децата како да се ебат. Напротив, ги учи како да се заштитат. И психички и физички.

Во ред, може да имаме дебати и дискусии за детали и нијанси во една програма која носи име сексуално образование. Да имаме и различни ставови, десница и левица, религиозни и нерилигиозни, итн. Воедно, може и да аргументираме што може, а што не може да се учи. Но, некои базични постулати не смеат да се чепкаат. Нема тука што да се филозофира; горенаведените бројки зборуваат сами за себе. Значи, да повториме на прост начин - Сексуалното образование не ги учи девојчињата како да останат трудни на 15. Напротив, ги учи како да се заштитат.

Се појавува еден клучен проблем кај децата т.е. тинејџерите кој не е нов. Поради недостаток на сексуално образование многу лесно и девојчињата и момчињата добиваат погрешни интернет информации. И едните и другите мислат дека така треба. Девојчињата мислат дека е во ред машките да бидат насилни. Момчињата исто така. Ова е една од основите за идно насилно семејство. Така настанува и се зголемува процентот на семејно насилство. Не се децата виновни, затоа што се деца. Некој треба да им каже, на пример, наставник по сексуално образование. Потполно е дебилно црквата воопшто да се огласува на оваа тема затоа што во нивниот свет не постои никаква еднаквост. Патријахатот, односно мажот, одлучува дали жената ќе има некакви права. Следствено, што да очекува една млада тинејџерка кога нема никакви права, а камо ли сексуални?

Знам, вие поконзервативните одма ќе се фатите за глупиот аргумент: ,,Нас кој не учеше, па што ни фали?”

Еве што ви фали:

- Целта е горенаведените проценти да се намалат, а не да се зголемат.
- Тоа што во ваше време било така, не значи дека денес не може да биде подобро. Ако размислуваме сите како вас, Тесла никогаш немаше да измисли струја. Транспортот ќе беше уште со запрежни коли. Немаше да постојат лажици и вилушки, туку ќе јадевме со раце и ден денес.
- Нели е подобро децата да знаат да се заштитат, наместо да не знаат?
- Нели е подобро да не остануваат трудни на 15 годишна возраст?
- Нели е подобро да знаат да се заштитат од разни видови на венерични болести?
- Нели е подобро да знаат како да се заштитат од возрасни предатори?
- Нели е подобро да знаат да се заштитат и во онлајн светот?
- Нели е подобро да научат како да се однеуваат меѓу себе и да ја подобрат идејата за партнерство во иднината?

Еве да пробам и на уште попрост начин. Сите знаеме дека на одредена возраст, кога на децата почнуваат да им ‘работат хормоните’, во сите школи имаме случаи да машките ги фаќаат девојчињата за газ. Децата не се виновни за ова затоа што не знаат. Организмот почнува да им реагира и дејствуваат инстинктивно. Но, возрасните и стручните лица ја имаат одговорноста да ги научат дека тоа не е во ред. Ете ви пример за сексуално образование. Сакате да ми кажете дека е подобро да не знаат?

Следен актуелен проблем; контрацепција. Пред некој месец имав дебата во парк со двајца религиозни проповедачи кои тврдеа дека абортусот е убиство. Кога го прашав едниот дали при секој секс прави деца или користи заштита, се збуни и рече дека тоа е друго. Како е друго? По нивната логика спермата ја создал Бог за креирање на деца. Следствено, ако користат контрацепција ја уништуваат желбата на нивниот Бог. Ама не. Тоа не им смета. Сексуалното образование подразбира и едукација за заштита. На едукацијата за сексуална заштита најмногу и пркоси црквата, а ја поддржува државата. Според нашиот Устав, црквата е секуларна. Тоа значи дека нема што да се меша во овие прашања или било кои други поврзани со државата и обратно. Бришењето на едукацијата за контрацепција од сексуалното образование нема да го зголеми наталитетот, туку ќе го зголеми процентот на пренесување на венерични болести. Исто така, ќе го зголеми и бројот на 16 годишни девојчиња што остануваат трудни. Според црквената логика целта е само да се зголеми наталитетот по секоја цена, без разлика на последиците. Веќе спомнав во една од претходните колумни дека наталитетот се зголемува кога државата ќе обезбеди економски бенефиции, а не забрана за едукација за контрацепција.

Време е и ние возрасните да не се лажеме како мали деца. И најрелигиозните креираат деца преку сексуален однос. Децата не ги носи штркот. Зошто е оваа тема уште табу во Македонија и на Балканот? Што е толку страшно ако зборуваме и дебатираме за овие теми кои имаат реални последици во општеството низ секоја нова генерација? Како може една Влада која заговара отворање на дата центри да е против едукација за контрацепција? Се еволуира само во делови кои носат личен профит, а не општ придонес за сите.

Најголемиот парадокс е што сексуалното образование дава резултати што многу религиозни и конзервативни родители ги посакуваат. Британската Family Planning Association ги има презентирано резултатите од редовно сексуално образование, кои вклучуваат:

- Сексуалното образование не ги стимулура младите да имаат секс порано. Напротив, резултатите покажуваат дека всушност имаат покасно затоа што ги учи дека е најважно да се чувствуваат спремни.
- Првиот секс е многу поверојатно да им е конзенсуален.
- Сексуална активност е поретка и имаат помалку партнери.
- Почесто користат заштита и знаат како да се заштитат и себеси и партнерот.
- Има значителен број помалку инцидентни затруднувања, што воедно ја намалува и стапката на абортуси.
- Појавата на сексуално преносливи болести е помала.
- Младите помалку се впуштаат во ризични однесувања како што е имање секс при конзумација на алкохол или дрога.
- Има помала стапка на неконзенсуален или несакан сексуален однос.

На крајот на краиштата, дали е похумано државата да обезбеди едукација за контрацепција и абортус и да го прекине раѓањето на, во некои случаи и пет деца во сиромашни семејства кои лежат до семафори и просат или е похумано заедно со црквата да пропагираат наталитет по секоја цена?

Дополнително, не мора образованието на оваа тема да биде досадно. Во Обединетото Кралство серијата ‘’Sex Education’’ имаше одличен ефект кај младите. Повторно, може да дебатираме за видот и начинот на едукација и неговите детали, но не смееме да ги отфрлиме основните постулати кои научно-статистички даваат позитивни резултати.

Едно село, еден град, една држава и една цивилизација никако не може да напредува доколку ставот е ‘’Секогаш статус кво’’ или ‘’Нас што ни фалеше?’’. Секогаш може и мора подобро. Зошто патувате со авион кога до истата локација може да стигнете и со воз? Затоа што е побрзо и поефективно. Значи подобро. По логиката на конзервативците, власта и црквата, треба да патуваме со воз затоа што секако ќе стигнеме до посакуваната локација.

Всушност, многу е просто и еве да го соџвакам најпластично. Сексуалното образование ќе ги научи децата како да НЕ си дојдат дома на 15 години и ви кажат дека направиле дете или добиле некоја венерична болест. Или уште пострашно, да одат на абортус во некоја полулегална ординација затоа што им е страв да зборуваат на овие теми со родителите и да добијат операција по која никогаш повеќе нема да можат да имаат деца. Во Македонија има значителен број на вакви случаи, баш поради тоа што истите деца немале соодветна едукација. Идејата за сексуално образование е да се добие образование и заштита. Идејата за сексуално образование не е идеја со која децата со сила ќе се учат да се втурнат во сексуални активности.

Срамота е што во, скоро 2027, дебатираме на оваа тема додека црквата ни кажува што смее, а што не смее. Црквата т.е. МПЦ, репрезент на една идеологија која повеќе од 2000 години тлее и смрди во статус кво. Сѐ на овој свет има своја еволуција, само догмата на црквата нема. Кој е тука луд, а кој нормален кога баш тие секогаш ја спречуваат еволуцијата, а истата е последица на природата?

Луѓе од генерацијата која учествуваше во воени злосторства и геноциди сега е најгласна и најде нам да ни кажува ‘’А нас што ни фалеше?’’ Чест на исклучоци.