Слика на Попокатепетл

Дали изумителот го изумил својот прв изум?


Пофалница за Спаркс

Веројатно многумина од вас слушнале за браќата Рајт, за браќата Миладиновци, за браќата Лумиер, за браќата Маркс, за браќата Коен. Но колку од вас слушнале за браќата Маел, Расел и Рон Маел? За оние кои не знаат кои се браќата Маел, дозволете ми *Се исправува на своето неудобно столче и се накашлува*. Станува збор за најдобрите браќа во историјата на популарната музика! (Знам, знам, има и подобри. Оставете ме да драматизирам). И ви велам, најдобрите браќа во историјата, Расел (пејачот) и Рон (клавијатуристот и текстописецот на сите нивни песни) Маел, го оформиле бендот Спаркс во 1968 година. Интересна работа што би била вредна и интересна за спомнување во однос на Спаркс е тоа што тие својата популарност ја стекнуваат во Англија, со тоа добивајќи статус кај многумина на одличен англиски бенд, иако тие се од Лос Анџелес!

Но како и да е, Расел, Рон и Спаркс ми се вдомија во мозокот, срцето, душата и на уште две-три места веднаш откако го слушнав нивниот хит од 70-тите „This Town Ain't Big Enough For The Two Of Us“. Јас, како љубопитен човек, се впуштив во потрага низ нивната дискографија, која опфаќа 24 албуми и голем број музички жанрови. Овој пат, сепак, без самиот да се фалам, ќе пробам до бескрај да ги испофалам некои од нивните песни, одбрани при сосема случаен и крајно егоистичен избор.
Фалењето би го започнал со песната „All That“, која се наоѓа на албумот „A Steady Drip, Drip, Drip“ (2020). Се работи за една од поубавите песни во целиот нивен опус, а како потврда за оваа моја теза би ги одвоил стиховите"
„I can't believe my luck in meeting you/Hey, help me out I can't find my left shoe“.
Ако концептот дека токму овие стихови се едни од најубавите во нивниот опус ви се види малку парадоксален, не грижете се, збор-два за стилот на Рон Маел следуваат малку подоцна.

Следната на мојата листа за пофалби, а се надевам и на вашата листа за слушање, е песната „A Little Bit Of Light Banter“ од нивниот, засега, последен албум „MAD!“ (2025), и ако има некоја песна која во последно време би ја окарактеризирал како earworm, тогаш тоа сигурно би била оваа. Со оваа песна, но и генерално со албумот, „Sparks“ покажуваат дека и на стари години (Расел има 78, Рон има 81) дедовците сè уште имаат „коња за трку“ и дека можат да се „носат“ со други помлади бендови од нив, особено кога станува збор за квалитетот на песните.

Диско-песната „Music That You Can Dance To“ од истоимениот албум, објавен во 1986 година, е следна. Самиот наслов на песната објаснува за што се работи, но прашањето е зошто таков наслов на песната? Имено, во периодот од 1980 до 1984 година Спаркс објавуваат 5 албуми, сите подеднакво лоши на топ-листите. Таквите резултати ги загрижувале сите засегнати, а особено главните фаци во издавачката куќа „MCA“ во САД, која соработувала со Спаркс. Како идејно решение на Рон Маел, како текстописец на бендот, му било советувано дека треба да прави музика на која ќе можеш да танцуваш. Неговиот одговор? Албумот и главниот сингл ги крстил според барањата на „MCA“. Овој интересен потег не бил добро примен во издавачката куќа, па соработката завршила релативно брзо по објавувањето на албумот. Но како за инат на „MCA“, „Music That You Can Dance To“ сè уште е една од најпознатите песни на Спаркс и е една од оние без кои не може да се замисли нивен концерт.

Спомнав за стилот на пишување на Рон Маел. За да можам да ги истакнам неговите квалитети, строго како текстописец, тука би ги издвоил песните „Dick Around“ од албумот „Hello Young Lovers“ (2006) и „The Existential Threat“ од албумот „A Steady Drip, Drip, Drip“ (2020). Иако се наоѓаат на различни албуми, сепак песните се со слична тематика. Во првата нараторот е успешен бизнисмен, на кого сè му е потаман, до моментот кога неговата партнерка ќе го остави. Рамнодушен и несреќен, единственото нешто што му останало да го прави е „to dick around“ (да не го преведувам, доволно е некултурно). Инаку, оваа иста песна, освен со гореспоменатиот текст, се краси и со најхевиметалскиот риф во постоењето на бендот, иако не се појавува долго време, но кога ќе се појави – појавено е. Во втората песна, повторно со наслов кој, скоро па, сам објаснува за што се работи, нараторот е убеден дека нешто лошо ќе се случи, а самото тоа што тој не знае што е тоа што треба да се случи го убива одвнатре. Иако овој пат нараторот не е рамнодушен, туку пробува да укаже дека заканата по животот е опасна и вистинска. Затоа што јас работам строго со факти, од овие две песни како стихови кои најмногу одговараат за вакви фалбаџиски текстови би ги одвоил:
„Think about the recent past/The cynics said too good to last/But she could change her mind again/Oh, no, this movie said "The End"“ – „Dick Around“.
„Sartre and Camus seemed to understand/Something close to what I'm feeling, though they were in France“ – „The Existential Threat“.

Дополнително, како едни од најинтересните песни на Спаркс би ги издвоил и: „Lawnmower“ од албумот „A Steady Drip, Drip, Drip“ (2020), во која нараторот не може да си ја изнафали својата косилка, потоа песната „The Girl Is Crying In Her Latte“ од истоимениот албум од 2023 година, повторно со наслов кој ја објаснува песната, но во чиј спот улога, освен браќата Маел, има и Кејт Бланшет (голема обожавателка на Спаркс). Би било навистина неправедно да не ги споменам и големите комерцијални хитови „When Do I Get To Sing „My Way““ од албумот „Gratuitous Sax & Senseless Violins“ (1994) и синглот од 1979 година со наслов „The Number One Song In Heaven“ од истоимениот албум, во чија продукција потпомогнал и легендарниот Џорџо Мородер.

Но како најскапоцен бисер на Спаркс и моментот кога Рон Маел го достигнува својот зен во пишувањето може, а воедно и мора, да се издвои песната „Hippopotamus“ (или на нашки, „Нилски коњ“), повторно, од истоимениот албум. Во неа нараторот има базен, а во базенот се наоѓаат следниве предмети/работи: претходно споменатиот нилски коњ, книга напишана од анонимен автор, слика од Јеронимус Бос, минибус од марката „Фолксваген“ од '58-ма, Тит Андроник и жена која носи сметалка. Најголемата равенка на нараторот во целава оваа збрка, всушност, е како успеале сите овие нешта да стигнат до неговиот базен. Кој ги донел овде и зошто? Ете, тоа е Рон Маел.

За крај, морам да ви признаам нешто, можеби овој мој фалбаџиски текст нема да ви се допадне, можеби Спаркс ќе ги замразите уште толку, можеби дури и ќе ми бидете благодарни што ви помогнав да дознаете што да НЕ слушате. А можеби и ви станале интересни, можеби Рон Маел ви се видел како чукна – т.е. како гениј, можеби дури и за мене го мислите истото, со право, да не се лажеме. Но јас овој текст го напишав само за една работа, само за да се исповедам. Јас, како стрејт маж, гордо, јавно, со здрав памет и мирна совест сакам да споделам дека Расел Маел ми е најголемиот „celebrity crush“ и не само тоа, туку Расел Маел е и најубавиот маж што го имам видено во животот.
Благодарам.

Музика: Sparks - Hippopotamus