26.10.2026
Танго: Мозаик од нечујни исповеди!
Викенд..
малку поразличен од сите останати претходно..
Викенд кој не го живеев во часови, туку во погледи, чекори, прегратки и туѓи дишења. Секој танго партнер беше нова географија, со некои бев тивка река, со некои.. ненадејна бура, со некои заборавав на се и едноставно постоев, а со некои пак емоцијата беше ѕвезда водилка.
Во овој еден викенд сакав, постоев, се предавав и се губев и за тоа беше потребно само една прегратка. А секоја прегратка нов јазик што го учев во 12 минути.. во тие 12 минути секоја една песна беше различна судбина будејќи различна емоција.
Под пригушените светла на милонгата, паркетот шепотеше приказни за размените без збор.. додека моите штикли се движеа по подот следејќи ги чекорите на партнерот, секој чекор беше нечујна исповед, па така во секундите, минутите и часовите што поминуваа секој партнер беше огледало со различна искривеност, еден ми ја покажа дивата страна што ја криев, друг ми го врати мирот што го имав загубено, со некој друг пат креативноста која ја бев загубила некаде по патот низ времето.. се прашувам што ли јас сум разбудила кај нив..
Танцот беше онаа уметност преку која се изразувам себе си, без да се анализирам и залажувам себе си. Всушност верувам во едно нешто што го прочитав некаде, а тоа е дека начинот на кој што танцуваме, како влегуваме и излегуваме од некоја фигура е уметноста на нашето тело, говор без зборови, тука откриваш колку слобода си даваш на себе си, можеби и ова е само мое лично доживување, но длабоко верувам дека начинот на кој што се движиш дури играш кажува многу за една личност, невербалната комуникација.. и не само тоа, колку е слободна, туку кажано со еден збор и го гледаш карактерот…

На овој фестивал не застанав, ама буквално, дали набљудував 10 танди севкупно во сите денови, дури и нозе кога ме болеа, срце ми играше, некои танди беа толку топли, пријатни и посебни што не сакав да завршат, други пак беа страствени, моќни и полни со емоција, некои беа со страв и.т.н. со секој еден партнер се будеше различна емоција, различна верзија од секој од нас, еден на друг бевме огледало. Не со секој можев да играм слободно, со некого чувствував толку неконтатибилност што едвај чекав да заврши тандата, со некој толку се внесував што не сакав да заврши, со некој се чудев и зошто прифаќав, но не сакам да бидам од тие личности кои се прибирливи, па играат само со одредени особи, сметам дека сите таму имаме заеднички особини и цел штом сме во иста просторија. А камоли прегратка која ќе трае 12 минути..
Не можам, а да не спомнам повеќе за една личност, бидејќи длабоко се водам по моето мото „Се е со причина„.. таа една личност ми ја пробуди креативноста во еден момент од милонгата,не знаев како и зошто ми оди окцето таму, но уживав да гледам, тоа е еден тангуеро кој фотографираше за време на фестивалот, а јас обожавав да гледам фотографии направени од милонги, бидејќи тука се фаќаше во кадар емоција, топлина, љубов, атмосфера, момент кој го забележуваш за на век.. фотографијата е уметност која не се потребни зборови, се е прикажано во пиксели, па кога ги видов фотографиите од фотоапаратот, секоја од нив имаше приказна, а фотографот и тангуерото фотографираше од срце и душа. Оваа личност ја разбуди кративноста во мене.. Ќе споменам и за една друга прекрасна личност која сјае од искреност и добрина, иако е толку неприметлива, едноставно постои и ужива во својот свет буди некој мир во мене, што едноставно немаше потреба да зборувам, тој е личност што го разбира светот на емоциите и чувствува, тој во душа е мало детенце кое се радува на малите нешта, нема да анализирам премногу длабоко, би било криминално од моја страна, но со една реченица личност која ужива во сегашниот момент и се радува на среќата на луѓето околу него. Ќе споменам и уште една личност која ми остави впечаток, а не знам што допираше во мене, која емоција ја будеше и какво огледало ми беше, но таа личност е прекрасна и полна со трпение, ја запознав на еден друг настан и кога ја видов на маратонот, ми беше мило што ја видов по втор пат. Тандата со него би ја опишала слобода, слобода за примање на информации…
Приказната се пишува сама во тангото, не се потребни зборови, но пак ќе се навратам дека се е со причина, луѓето доаѓаат и си одат од нашиот живот, но оставаат траги во некои моменти. Со некои играме само по една и единствена танда, а со некој пак едноставно тандите сами си доаѓаат едни по едни. Па иако не ја знам причината за личностите што доаѓаат и си одат, сфатив дека тангото е мојата прва љубов која ми ја гали душата и која ми го опишува животот и тоа каква личност сум навистина…
Емоциите на овој фестивал беа ноти во една компзиција, а ги имаше од толку многу прекрасни личности кои танцуваа што секоја личност раскажуваше приказна за себе. Бевме алхемичари кои импровизираа, истуравме емоции во туѓите дланки како жива еден на друг..
Како за крај, тангото не е само чекор на паркетот. Тоа е уметност за тоа како во една танда можеш да допреш туѓа душа, твојата душа да биде допрена, да умреш и да се родиш неколку пати. И на крајот да си заминеш со цел универзум во градите. Сите си одиме назад во својата реалност, но јазикот кој го зборувавме без зборови останува врежан во секое отчукување на нашето срце.
И затоа се додека нозете паметат, како да се препуштат светот ќе има каде да се сокрие.
