02.11.2026
ГАЛАКСИЈА
Една од моите најфасцинанти приказни е за галаксијата. Но не на онаа за која што мислиш. Еве, денес ќе ти ја раскажам.
Југославија, 1980-ти. На радио свири „Црно-бел свет“ од Прљаво Казалиште. Светот се движи кон ерата во која персоналниот компјутер ќе стане дел од секојдневието. Sinclair и Commodore веќе ги освојуваат домовите со своите мали компјутери, кои изгледаат како обична тастатура со пластични или гумени копчиња. Се продаваат милиони примероци низ Европа и светот.

Назад дома, во ЈУ, ситуацијата е поинаква.
Ретко кој може да си дозволи ваков компјутер. Уште поретко кој може лесно да дојде до него. Увозот на поскапа компјутерска опрема е ограничен со државни прописи, а оние што навистина сакаат да имаат свој компјутер мораат да се снаоѓаат на разни начини, меѓу кои и шверцување на хардвер преку граница, најчесто скриен под седиштата или гепекот на своите возила.
Лето е, 1983 година.
Нашиот главен јунак во приказнава е Воја Антониќ и тој е на летување во Црна Гора. Топло и здодевно лето, како што самиот го опишува од сеќавање.
Затоа што е на одмор, а место не го фаќа, а и генијалец сака да мисли, Воја зема тетратка и почнува да размислува за електроника и микропроцесори. Чита стручна литература да си го окупира мозокот и доаѓа до идеја како да направи евтин домашен компјутер.

(Воја, десно)
Правењето компјутер од „нула“ само по себе е многу фасцинантен и тежок процес. Но пофасцинантен дел е следниов:
Вообичаено, компјутерите од тоа време користат посебни електронски компоненти за генерирање на сликата на екранот. Воја сфаќа дека тоа може да го направи и преку самиот процесор. Прилично добар и успешен „хак“. Генерално ова ја има значително намалено цената за создавање на самиот компјутер.
Секако, да не преовеличуваме сега - компјутерот сам по себе не можел да им парира на гигантите кои ги спомнав погоре, но бил функционален. Малце поспор, но работел. За сѐ има некаков трејд-оф, па така и за ова.
Воја му дава име на својот проект - „Галаксија“. Се поврзува со Дејан Ристановиќ и редакцијата на списанието „Галаксија“, каде што се подготвувало специјално издание посветено на компјутерите. Така, во јануари 1984 година излегува специјалното издание „Računari u vašoj kući“ („Компјутери во вашиот дом“).

Во него биле објавени деталните електронски шеми, упатствата и сите потребни информации за самоградба на Галаксијата. Не морало да купиш готов компјутер и да го шверцуваш кроз граница. Веќе си можеш да си го составиш и сам/а.
За оние што немале можност сами да ги набават сите компоненти, редакцијата организирала и нивна дистрибуција. Добиваш пакет со потребните компоненти: плочка, чипови и инструкции. Ти останува да ги извалкаш рацете, да го земеш леткумот и калајот и да го составиш компјутерот. Не дека и тоа било лесно. Често имало проблеми со конктактите, лемот, или некој фаличен компонент. Дебагирањата иделе со часови, а моментот кога ќе се појавела слика бил бесценет.
Пред излегувањето на списанието, Воја, Дејан Ристановиќ и уредникот Јова Регасек седнале да направат кратка проценка на тоа колкав интерес би имало сето ова.
Воја очекувал околу 50 луѓе. Дејан предвидувал околу 100, а Јова бил малку пооптимистичен и очекувал барем 500.
Неколку месеци подоцна, редакцијата добила над 8.000 писма од луѓе кои потврдиле дека успешно ја составиле својата Галаксија. Самото списание било огромен успех. Првичниот тираж од 30.000 примероци бил распродаден, па следувале дополнителни печатења. Вкупно биле продадени околу 120.000 примероци.

Во Белград, радио-водителот Зоран Модли преку својата емисија „Вентилатор“ почнал да емитува компјутерски програми преку радио бранови. Слушателите можеле да го поврзат касетофонот со радиото, да го снимат емитуваниот звук и потоа да ја вчитаат програмата во својот компјутер.

Значи сценава е: нема интернет, цедиња, усбиња.. Седиш дома, снимаш звук неразбирлив за твоите уши на обична аудио-касета и со тоа добиваш нов компјутерски софтвер - видео игрица, програми за работа или слично.
Воја, денес преселен во САД каде што работи како електро-инжењер, раскажува дека и до ден денес добива пораки од луѓе кои му велат дека Галаксија им го променила животот и ги насочила кон кариера во информатиката. Баш интересно време во кое не сум бил жив да го просведочам.

Имав чест Воја да го запознаам на некоја хакерска конференција во Белград, но за жал не направивме слика така како за спомен. Следна прилика! Пред неколку години со мојот покоен другар Игор „Фау“, кој и самиот ме запозна со оваа приказна и проект од „негово време“, имавме обид да ја изградиме галаксијата од комплетна нула (плочка, прецртување на шемата врз плочката, набавка на компонентите, програмирање на РОМ-овите и што уште не). За тоа ќе раскажам во некоја друга прилика.