Слика на Христијан

Островот на изгубените битови


Вчера бев на канта пазар

Прв пат. Одамна се канам да отидам да видам што се случува и како тоа изгледа. Отидов вчера после години канење. Канта пазарот нонстоп го преместуваат, овој пат се наоѓаше после Маџари, пред Трубарево.

Решив да бидам таму во 8 часот. Ќе си речеш рано, ама не е. Всушност, продавачите таму одат да ги местат своите тезги негде во исто време кога и вообичаено си легнувам, 3 или 4 сабајле. Па така таа вечер решив воопшто да не си легнувам.

A zašto sam ja ustao ovako rano? Nisam ni ust’o. JER! Da neko ustane, on treba da legne - da bi mog’o da ustane. E, ja nisam leg’o – Аца Лукас

Пристигнав во околу 8 часот таму. Од старт можеш да го забележиш дека пазарот е некаде блиску, затоа што имаше апсурдно многу возила и луѓе на самата улица. А улицата па тесна. Па нормално, од сабајле првите нервози за кој каде ќе паркира, и кој поубаво и поблиско место за паркинг ќе најде. Те пречекува еден млад човек кој само стои на сред пат, те попречува и очекува 50 денари од тебе за да ти дозволи пристап во паркингот. Рампа не постои, ни фискална, ни гаранции. Ништо. Тоа заборавето го, пазарот е заглавен во среден век и тоа е дел од искуството.

На самиот влез, ве пречекува еден знак „БУВЉАК“, прилепен на една мала чуварница во која што нема чувар.

На самата почетна патека ќе забележите или намирисате чад. Но ова не е чад од нешто што гори, туку чад од скара. Луѓето и на тоа мислат, човек треба и да доручкува. Санитарните услови ми делуваа малку сомнително па одлучив да не јадам ништо - а мирисот беше доста примамлив.

Тргнав да ги разгледувам тезгите без план, затоа што и ништо не ми треба конкретно. Голема надеж со мали очекувања.

На пазарот е исто така важно да бидеш гласен и да знаеш како да ја изрекламираш својата тезга. Вниманието ми го фати еден од трговците кога се почна да вика на глас:

„ПОЛЕКАТЕ ПОЛЕКАТЕ. ИМА ФРАНЦУСКА РОБА ЗА СИТЕ“ - на тезгата беа присутни околу тројца муштерии кои не се ни буткаа да видат што нашиот почитуван трговец има на располагање. Ме насмеа фактот што во оваа маркетинг реченица вклучи и „ФРАЦУСКА“ - што од старт им дава повисока вредност на предметите, нели.

Цените на предметите на бувљакот се вадат од ракав. Затоа е важно да немаш срам и да знаеш да се „пазариш“. Јас обожавам да се ценкам. Чисто ради играта. Мора и по малце да глумиш, да блефираш што се вика.

Најдов една тезга каде што видов еден мини лаптоп стар добри 20тина години (ASUS Eee PC, 2007). Може некој од вас ги памтите, оние малите лаптопи со Edubuntu инсталиран на времето. Ги имаше во училиштата.

Тоа беше мојот избран предмет за дента кој требаше да биде мој. Само што немаше никој на тезгата. Па извикав

„Кој е должен за тезгава?“. И сопственикот на тезгата се појави од некаде како да сум ја протрљал волшебната ламба од цртанот Аладин - само што овде џинот малце потешко ги исполнува желбите.

-Колку за лаптопов пријателе?
1000 денари и носи го
-Нема шанси, 20 години е стар и Бог знае дал работи - ќе ти дадам 500.

Пазарот е еден голем театар на глума и социјална динамика. Па така по мојата контра понуда, трговецот го смени изразот на лицето да делува видно навреден и понижен и го отфрли мојот предлог: Не може. 300 денари ми е само полнач за лаптопот.

Беше мојот ред за глума:

-Епа добро, тогаш, не го сакам!

Се свртив во спротивна насока и тргнав. На неколку чекори слушнав од зади: 800 !!

Не е пазар ако не се пазариш - нели? Па така вратив со: 700 - последно!

Изразот и расположението на лицето му се смени во видно расположено или во зборови: „зделката падна, и ми одговара“. Си пруживме рака, извади обична пластична кеса и го спакува лаптопот во неа.

Пазарџиите се истренирани да вадат цени од ракав „па ако помине, помине“. Тоа обично проаѓа кај муштерии кои немаат енергија за ценкање или се срамат да предложат нивна цена, или потпаѓаат под притисокот.

Дали вредеше?

Според мене - да. Интересно искуство е. Дел од пазарџиите се „џамбази“ и знаат да направат атмосфера. Прифаќаат зафрканција на нивна сметка и не се срамат да пуштат некоја на твоја. Сѐ е тоа во добра намера.

И сеа, лаптопов - работи?

Пред да дознаам дали работи морав убаво да го исчистам и дизинфицирам. Го приклучив во струја и го упалив - и за чудо, работеше. Некоја стара верзија на Едубунту се појави на екранот и ми даде пристап до системот.

Секако, нема да користиме Едубунту нели? Ќе му најдеме некоја дистрибуција на Линукс со понови пакети која е приспособена да работи на стар хардвер.

Пробав неколку, без успех - едноставно стар хардвер, спор процесор, малце РАМ меморија и мал хард диск. Иако рамот не е толку проблем колку процесорот.

Го енкриптирав дискот и му инсталирав свеж antiX Linux оперативен систем.

Батеријата се полнеше 8-12 часа, а трае буквално 2 минути (без да правиш ништо на него). Комплетно е отидена.

Во следниот период ќе пробам да го модификувам - повеќе рам, нова батерија, и нов SSD диск.

Процесорот за жал не може лесно да се смени. Мислам дека можам да се обидам со малце понов модел од таа фамилија на процесори, но сепак стар. Но тоа е 50/50 шанса. Има и одлемување на процесорот од плочката, повторно залемување и слично. Ќе видам.

Како и да е, ваков лаптоп на модерниот денешен интернет е невозможно да се користи. Едноставно сите вебсајтови кочат. Процесорот не може да постигне да ги испроцесира сите модерни глупавштини, јаваскрипти и слично. (ПАНДА.мк не кочи ;))

Еве колку за постов да не биде сув - една фотографија:

27ed7

И, за што ќе ти го?

За ништо особено. Не мора да правиш работи нонстоп за некаква корист.